Манифестации и фестивали

СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

Struga Poetry Evenings Во чест на големите преродбеници, собирачи на народни песни и основоположници на современата македонса поезија, Браќата Миладиновци се одржува манифестацијата Струшки вечери на поезијата.
Непосреден повод за организирање на Струшките вечери на поезијата било литературно читање на група истакнати македонски писатели од свечениот јубилеј по повод излегување на Зборникот на браќата Миладиновци на 15 јули 1961год,за од година во година бројот на учесниците да се зголемува. Таа допринесе во 1965 фестивалот да стане меѓународен со учество на еминентни поети од неколку земји, а наредната 1966 год Струшките вечери на поезијата да прераснат во институција.
Манифестацијата се одржува секоја година во втората половина на август започнувајќи со свечено отворање, палење на фестивалскиот оган и читање на песната Т'га за југ, за потоа поетите да ги испратат своите пораки до светот преку читање на својот збор во вечерите "Поетски Меридијани", "Ноќ без интерпункција" и "Мостови". Таа претставува една значајна трибина од која што секоја година одекнува поетскиот збор, неговите хумани пораки и моќта да облагодарува и зближува.
Во склоп на оваа манифестација постои Меѓународна поетска библиотека со книги од сите досегашни учесници како и значајна документација за Меѓународниот поетски архив...
Струшките вечери на поезијата преку своето високо меѓународно поетско признание "Златен венец" како и со многубројните други високи награди и признанија го афирмираа поетскиот збор и пораките на поетот.
Струшките вечери на поезијата секоја година се вистински празник како за градот така и за сите вљубеници на поезијата, а воедно станаа мост меѓу литературните меридијани на светот. И токму заради оваа манифестација градот Струга може да се најде во сите поетски карти на светот и стана синоним за поезијата во светот.

РЕВИЈА НА НАРОДНИ НОСИИ

Ревијата на народни носии е културна манифестација која започнала да се одржува 1971 година и има за цел да го презентира фолклорното богатство на народната носија и вез од нашите народи и народности.
Ревијата е туристичка манифестација со традиционален карактер и се одржува секоја година во првата половина на август. Ревијата има натпреварувачки и забавно-музички карактер. Дефилето низ улиците и кејовите на реката Црни Дрим претставува посебно доживување за гостите.
Во ревијалниот дел на манифестацијата се прикажуваат народни носии: ергенски, момински, зетовски, невестински, детски, старски и друг вид носии од сите народи и народности кои живеат во Република Македонија.
Во забавно-музичкиот дел од манифестацијата, со изворна програма се претставуваат народни песни, ора, обичаи, поговорки, а се изведуваат од страна на културно-уметнички друштва, групи и солисти на народни инструменти.
Изложбата на народни носии и везови е дополнителна манифестација на која се презентираат народни носии и везови од Република Македонија.

СТРУШКА МУЗИЧКА ЕСЕН

Секоја година во втората половина на месец септември во склоп на црквата "Свети Ѓорѓија" се одржува познатата манифестација "Струшка музичка есен". Во контекст на оваа манифестација се одржуваат меѓународни симпозиуми и концерти на духовна музика. Оваа манифестација ни ја претставува Македонската црковна музика која е дел од огромното културно богатство а истовремено и потврда на македонскиот континуитет и идентитет низ вековите.

KENGE YEHOO

Фестивалот на стилизирани народни песни и ора “Kenge Yehoo” со својата работа започна во 1992 год. Седиштето на фестивалот е во градот Струга. Фестивалот според програмата и статусот се одржува секоја година кон крајот на месец јули или во почетокот на месец август.
Секоја година на овој фестивал учествуваат културно уметнички друштва од Македонија, Албанија, Косово и од други земји од Европа и САД кои негуваат сстилизирани народни песни и ора. Во своето постоење на оваа манифеставија продефилирале над 200 културно уметнички друштва со над 6000 аматери и професионални уметници од цел свет.

Побарајте нè и на:

EU for You EU for You

Кампања

Паметен Туризам