Културата на градот
СПОМЕН ДОМ НА БРАЌАТА МИЛАДИНОВЦИ
Спомен домот на Браќата Миладиновци е подигнат во знак на благодарност на Димитар и Константин Миладинови за се она што направија за македонската национална преродба.
Постариот брат Димитар Миладинов е собирач на македонски народни умотворби кои подоцна ке бидат испечатени во познатиот "Зборник на македонски народни песни" и ке биде пример за сите словенски народи.
Помладиот брат Константин Миладинов е основоположник на современата македонска поезија и токму во негова чест песната Т'га за југ допира до целиот свет преку нејзино интерпретирање за отворањето на Струшките вечери на поезијата.
Оваа значајна институција се наоѓа во улицата која што го носи нивното име. Во приземјето на домот изложен е алатот на нивниот татко Ристо, кој изработувал грнчарски предмети кои имале широка примена во тогашниот живот. Од тоа време датираат и неколку уметнички изработени глинени лонци кои се поставени на посебно место во домот. На првиот кат изложени се експонати на работата на Браќата Миладиновци и поедини предмети од животот и работата на нивните современици со кои Браќата Миладиновци одржувале плодотворни пријателски врски. Вториот кат целосно е посветен на животниот пат и работата на Браќата Миладиновци каде се прикажани и нивните остварувања.
ПРИРОДОНАУЧЕН МУЗЕЈ "ДР. НИКОЛА НЕЗЛОБИНСКИ"
Она што посетителот на Струга не може да го најде во градот на езерото или во околината, она што егзистирало на овој терен некогаш, она што постои и денес а претставува реткост, може да се најде во Природнонаучниот музеј "Др. Никола Незлобински", основан 1928 год. и првобитно претставувал збирка на Др. Никола Незлибински. Со проширување на бројот на збирките се отвораат следните нови оддели:
- зоолошко - ботанички, со 9381 примерок;
- историско - археолошки оддел со вкупно 2576 примероци.
Во музејот покрај другите примероци изложени се 17 врсти на риби од Охридското Езеро каде се наоѓа и еден единствен примерок на морска риба кубла. Во две посебни простории изложени се историско археолошки предмети од минатото на Струшката околина. Во збирката се претставени предмети од праисторијат, од стариот и средниот век, како и од времето на револуцијата. Најголем број на експонати потекнуваат од неолитот што е резултат на големиот број на неолитски населби кои претставуваат неисцрпен извор на докази за животот и обичаите на луѓето од овој крај во минатото.
Музејот е комплексна установа од археолошко, етнолошко, историско и одделение за ликовна уметност.
Основач на музејот е Д-р Никола Незлобински, по националност Русин, а по професија лекар и вљубеник во природата кој во 1928г. ја презентира првата зоолошка збирка со што се удрени темелите на природонаучниот музеј.
Постојаната природонаучна изложба,која има локален карактер, содржи растителни и животински видови од Охридското езеро и неговата околина.
Во изложбата се еволутивно презентирани експонати од сите животински категории од најпримитивните форми до цицачите.
ГАЛЕРИЈА "ВАНЃЕЛ КОЏОМАН"
Изложбата-сеќавање на Вангел Коџоман е составена од слики кои се дел од легатот на уметникот на градот Струга. Станува збор за постојана поставка отворена 1974 год. во спомен куќата на Коџоман. Циклусот слики насловен "Струга во минатото" ја открива страста на уметникот да ги регистрира староградските мотиви кои веќе денес ги снемува пред нашите очи.
Интересен е неговиот интерес за разновидни жанрови-портрет акт фигура, пејсаж, староградска архитектура, мртва природа, за разни теми и техники-масло, акварел, цртеж, пастел.
Може да се заклучи дека сликарството на Вангел Коџоман зазема значајно место во контекст на современата македонска уметност. Забележливо е неговото настојување да создаде "мост" спрема светот на посматрачот, останувајќи отворен за размена во двата правци. Оставајќи ги своите слики во спомен куќата Коџоман успеа го оствари тој мост и да ги запознае сите нови генерации со се она што постоело во Струга и веќе не може да се види…
Спомен галеријата Вангел Коџоман е сместена во централното градско подрачје и се користи како уметничка галерија во која има постојана постава на слики, поклонети од уметникот на општина Струга. Во истата се одржуваат и други изложби, подготвени од ликовниот оддел.
ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА
Центарот за култура "Браќа Миладиновци" од Струга е основан во 1965 год., а во 2004 год. со одлука на Владата на Република Македонија, Центарот за култура "Браќа Миладиновци" е прогласена како установа од национален интерес.
Отворањето на меѓународната поетска манифестација Струшки вечери на поезијата, традиционално отпочнува пред платото на Центарот за култура "Браќа Миладиновци" во Струга, со читањето на песната Т'га за југ на Константин Миладинов.
Покрај меѓународното поетско читање "Меридијани" се одржуваат и повеќе промоции и манифестации од најразличен карактер во текот на целата година.
Имено Центарот за култура во Струга ги обединува сите заинтересирани за културата и уметноста, од најмалите до повозрасните. Центарот за култура "Браќа Миладиновци" е центар на повеќе случувања: концерти на класична музика, ликовни изложби, театарски претстави, јавни трибини.
ГРАДСКА БИБЛИОТЕКА "ДИМИТРИЈА И КОНСТАНТИН МИЛАДИНОВИ"
Градската библиотека е сместена во објектот на Центарот на културата и е формирана на 18.11.1944 год. како прва институција од областа на културата.
Во рамките на матичната дејност Библиотеката имаше широко развиена мрежа на подрачјето на струшкиот регион каде делуваа 12 подрачни библиотеки, денес активни се само две: во селата Вевчани и Лабуништа. Современите библиотечни трендови на планот на матичната дејност денес се базираат врз развојот на библиобусната служба која веќе почна да се користи (со голем успех) во нашата земја.
Библиотеката располага со фонд од околу 90 000 книги.
Во библиотеката е извршена целосна стручна обработка на книжниот фонд и истата на своите корисници им нуди азбучен фонд, стручен фонд и каталог на наслови.
Побарајте нè и на: